Колумна: Домувањето како основа за социо-економскиот развој

Што е дом и домување?

Од прастари времиња човекот барал засолниште од временските услови и непријателите, па ги користел пештерите како покриено место што го штитело од надворешните влијанија и му овозможувало физичка заштита.

И денес првата асоцијација на дом е засолниште,

Всушност, домот е заштита и во физичка и во преносна смисла на зборот. Заштитува од надворешните влијанија, но претставува и место каде луѓето го наоѓаат својот мир и приватност.

Така, според дефиницијата на УН Хабитат (Организација за домување на Обединетите нации) за адекватното домување се вели дека тоа не значи само засолниште, туку и приватност, соодветен простор, физичка достапност безбедност, стабилност на конструкцијата и трајност на објектот, осветлување, греење, вентилација, основна инфраструктура (водоснабдување, канализација, собирање на отпад, квалитет на околината и др.), здравје, пристап до работа и друго.

Домот не е само покрив над глава. Домот е удобност, сигурност, простор за учење и работа, место за дружење и творење, генерациски простор на пренесување на идеи,, мисли и предлози, „место од каде се’ потекнува“ (Томас Елиот).

Неадекватното и супстандардно домување предизвикува низа проблеми во животот на поединецот и семејството како што се на пример: влошување на здравствената состојба, неможност да се остваруваат повисоки приходи, слаби резултати во училиште за децата, нарушена семејна стабилност, неможност за користење на современа технологија во домаќинството, социјални проблеми, немање приватност и слично. Сите овие пречки понатаму водат кон значајно намалување на можностите за развој, така што лицата кои живеат во супстандардни услови немаат доволно потенцијал да се вклопат во општеството и имаат помали шанси за квалитетен живот.

Во својата книга „Домување -социјални и економски елементи“, авторот Валас Смит, истакнува дека не постои унифицирана дефиниција за домување и го објаснува домувањето како состојба со повеќе димензии: засолниште, приватност, локација, пријатно опкружување и инвестиција.

Покрај засолниште, друга димензија на домот е локацијата. Местото каде е лоциран домот може да влијае на неговата вредност и на квалитетот на живеењето. Пристапот до јавни сервиси, здравствени и образовни установи, јавен транспорт и други услуги, го зголемуваат квалитетот на живеење, а со тоа и вредноста на домот.

Опкружувањето е друга значајна димензија на домувањето. Покрај пристапот до услуги, важен е и нивниот квалитет. На пример, вредноста на домот е поголема доколку во негова близина има квалитетно (но и престижно) училиште, или пак квалитетот на домувањето е подобар ако локалната болница е позната како успешна здравствена установа. Присуството на фабрики и други индустриски објекти создаваат бучава и ја нарушуваат глетката, па домувањето се вреднува и според тоа дали опкружувањето е пријатно. Интеракцијата со соседите е неминовна, па затоа е важно и кои луѓе и со каков социјален, едукативен и културен бекграунд живеат во соседството.

Сопственоста на домот може да се гледа и од психолошки и од економси аспект. Сопственоста всушност овозможува приватност и сигурност за сопствениците на домот, односно сигурност дека никој нема да влезе во нивниот дом без да биде поканет и нема да бидат принудени да го напуштат домот. Финансиски, сопственоста на домот може да го претвори домот во пазарна категорија и да претставува инвестициски потенцијал на семејството.

Според ова, може да се заклучи дека домувањето е комплекс на физички, социјални, културолошки, урбанистички, еколошки и економски фактори кои го обликуваат животот на луѓето во едно општество. Пристапот до квалитетно домување води до низа социјални и економски придобивки за поединецот, вклучувајќи подобро здравје и сигурност, можности за работа и образование, разноликост ја поттикнува локалната економија и влијае на севкупниот развој на општеството.

Домувањето има двојна природа каде економските законитости се преплетуваат со социјалните аспекти на живеењето и тоа го прави многу комплексно прашање и предмет на сериозна опсервација при планирање на општествениот развој.

Тргнувајќи од фактот дека домувањето е човеково право, па преку социјалните, економски и културолошки фактори кои го одредуваат, важно е да се истакне дека домувањето не е само пазарна категорија, туку во основа е социјално прашање. Токму затоа, сите развиени општества го третираат домувањето како стратешко прашање од кое зависи развојот на заедницата и на државата.

Како се третира домувањето кај нас? Слободно може да се каже дека домувањето не е високо на агендата во македонската развојна политика. Последната стратегија за домување е надмината во 2012 година, а не постои ни посебен закон за социјално домување. Законот за домување од 2010 година, кој досега доживеа 13 измени и дополнувања, во главно е насочен кон регулирање на живеењето во станбени згради. Наследените обрасци од социјалистичкото минато се уште се доминираат во креирањето на национални и локални политики за развој на станбениот сектор и на парадигмите во поставувањето законска рамка за домување. Од друга страна, сведоци сме на масовна урбанизација на градовите, со градење на големи станбени комплекси со станови кои не ги задоволуваат основните градежни и социјални стандарди, а се продаваат по високи цени. Голем проблем претставува и густината и распоредот на зградите , што покрај урбанистичкото планирање ги нарушува и основните услови за квалитетно домување.

Согледувајќи го сето ова, треба да се потенцира дека домувањето е комплексна категорија и потребен е мултисекторски пристап секогаш кога се третира ова прашање. Да се постигне долгорочен, одржлив и хармоничен развој во областа домување е основна цивилизациска определба на сите современи општества. Политиките за домување и хармонизиран развој на општеството не се состојат само од правилата на понуда и побарувачка на станбен простор, туку опфаќаат цела низа на правила и законитости од социјалната и урбанистичката сфера.

Вклученоста на државата и нејзините институции преку низа на мерки за дополнување на станбените политики е клучен фактор за обезбедување на квалитетно домување, а со тоа и повеќе можности за развој на поединецот и целата заедница.

Автор:

д-р Лилјана Алчева, Хабитат Македонија

No Comments

Sorry, the comment form is closed at this time.