Колумна: Климатските промени и нашите домови

Колумна: Климатските промени и нашите домови

Климатските промени влијаат на сите аспекти од нашиот живот, па и на нашите домови, односно простори кадешто го поминуваме поголемиот дел од нашето време.

Според Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) кое претставува научно тело на Обединетите нации, климатските промени имаат ефект на сите населени региони на Земјата, при што човековите активности се главен двигател на многу промени во климата и климатските екстреми. Ова неизбежно го обликува нашиот начин на живот и го поставува прашањето: Дали домовите треба да се променат, или тој процес веќе е започнат?

Климатски промени

Климатските промени се однесуваат на долгорочните промени во температурите и варијации на климата. Ваквите промени можат да бидат природни, како резултат на промените во активноста на Сонцето или големи вулкански ерупции. Но, по Индустриската Револуција, од 1800-тите, човечките активности се главниот двигател на климатските промени, пред сè поради согорувањето на фосилни горива, како што се јаглен, нафта и гас. Согорувањето на фосилните горива создава стакленички гасови, создавајќи обвивка околу Земјата, задржувајќи ја сончевата топлина и зголемувајќи ги температурите. Пренамена на земјиштата, уништување на шумите и интензивна непланска урбанизација, дополнително допринесуваат до забрзано влошување на состојбата.

Како се поврзани климатските промени и домувањето?

Домувањето и климатските промени се тесно поврзани на повеќе начини. Локацијата, изградбата и потрошувачката на енергија на домовите директно влијаат на нивниот придонес кон емисиите на стакленички гасови и климатските промени. Енергетската ефикасност на живеалиштата, навиките на жителите, локацијата и квалитетот на градбата на домот, резултираат со различно ниво на изложеност на/или заштита од ризици и опасности поврзани со климатските промени.

Зградите сочинуваат над 30% од еколошкиот отпечаток на ЕУ, една третина од потрошувачка на материјали, 42% од вкупната потрошувачка на енергија и 35% од емисиите на стакленички гасови. Овие бројки ја истакнуваат итната потреба од одржлив пристап кон домувањето и градежништвото. Домувањето е поврзано со климатските промени не само како придонесувач за емисиите на стакленички гасови, туку и како фактор што не изложува и не штити од ризици поврзани со климата, во зависност од тоа каде се наоѓа домот и како е изграден. Иако климатските промени претставуваат зголемени ризици на сите локации, некои области се соочуваат со зголемена опасност.

Ранливи категории

Истражувањата покажуваат дека потстанарите се особено ранлива категорија кога станува збор за домување и климатски промени, бидејќи истите живеат во области кои се соочуваат со пад на инвестиции и во постари згради кои се помалку отпорни на климатските предизвици.

Истовремено, лицата со пониски примања се меѓу најранливите групи во дадената ситуација. Тие најчесто живеат во живеалишта кои не се отпорни на климатските промени и катастрофи и имаат потреба од реновирање и квалитетно одржување.

Домовите во Северна Македонија во бројки

Вкупен број на домаќинства во земјата според податоци од пописот во 2021 година, изнесува 598.632. Просечна површина на живеалиштето е 84,30m², додека просечна површина која се грее е 45,40m². Домаќинствата се втор најголем финален потрошувач на енергија за 2023 година и учествуваат со 25.8% од расположливата финална потрошувачка.

Според Базата на податоци на МакСтат за 2019 година, најголем број домаќинства (279 227) користат огревно дрво како основен тип на греење. По него, значителен број (177 712) се потпираат на електрична енергија. 48 201 домаќинства користат брикети или пелети за загревање. Останатите извори како течен нафтен гас и нафта за ложење се помалку користени, а јагленот е најмалку застапен. Овие податоци укажуваат на силна зависност од огревно дрво во домаќинствата, што има влијание врз животната средина и потребата за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Кога станува збор за обновливи извори на енергија, ситуацијата со соларната енергија и домаќинставта е следна: 79 242 домаќинства имаат инсталирани соларни колектори, додека пак 78 093 од нив се во функција.

Изолација на живеалиштето е една од мерките за подобрување на енергетската ефикасност на објектот. Вкупно 162, 847 живеалишта имаат изолација кај надворешните ѕидови. Најчесто користен материјал за изолација е стиропор, особено кај надворешните ѕидови кај 133 240 домаќинства. Кај покривите и тавaните, тервол е широко застапен, додека стаклена/камена волна е значајно користена на таваните. Ова покажува дека изолацијата на надворешни ѕидови е најзастапена во домаќинствата, што значи дека постои свест за подобрување на енергетската ефикасност преку фасадна изолација.

Домовите како решение, не како проблем

Од клучна важност е да се изнајдат начини како домовите да станат дел од решението за климатските промени. За таа цел, постојат неколку приоритетни насоки:

Енергетска ефикасност: Домовите мора да бидат дизајнирани или реновирани со акцент на енергетската ефикасност. Ова значи подобра изолација, користење на пасивни соларни системи и инсталирање на технологии за обновливи извори на енергија, како што се соларни панели.

Циркуларна економија: Градежниот сектор е одговорен за околу 30% од еколошкиот отпечаток на ЕУ. Користењето обновливи или рециклирани градежни материјали и намалување на отпадот од уривање може значително да ја намали емисијата на стакленички гасови.

Зелени простори: Интеграцијата на зелени кровови, вертикални градини и урбани зелени површини не само што ја намалува температурата во урбаните средини, туку и го зголемува биодиверзитетот и квалитетот на животот.

Социјална правда: Обезбедувањето пристап до одржливи домови за ранливите групи е клучно. Ова може да се постигне преку субвенции за реновирање, регулативи за достапни еколошки технологии и инклузивно донесување одлуки.

Домовите, односно самите објекти треба да покажуваат посветеност кон заштита на животната средина, да  имаат помала потрошувачка на енергија, повисока енергетска ефикасност, да бидат отпорни на климатските промени и да ја поддржуваат биолошката разновидност. Одржливиот систем на згради треба да создаде достапно и достојно  домување за сите. Дополнително, ваквите домови треба да бидат флексибилни и прилагодливи, овозможувајќи долгорочно користење на ресурсите и подобрување на животните услови на сите граѓани.

Автор:

Мила Арсовска, Магистер - Инженер за Дизајн на енергетски згради

No Comments

Sorry, the comment form is closed at this time.