Денес во просториите на Јавна Соба во Скопје, го презентиравме истражувањето на тема “Младите и домувањето” како дел од проектот “Младите и правото на домување“ поддржан од малите грантови на Цивика мобилитас.
Главни заклучоци од истражувањето се дека младите не се запознаени со Законот за домување. Големата младинска сиромаштија и младинска невработеност се особено важни за состојбата на домување кај младите. Иако законски постои, отсуствува општинскиот ангажман за обезбедување соодветно домување за млади, но и генерално.
Се бележи недостиг од соодветно домување по соодветна цена (affordable housing) како одговор на потребата на ранливите лица кога се соочуваат со социјален ризик. Постои јаз меѓу специфични карактеристики на ранливи лица и политиките за домување кои се општи, па се случува да нема соодветен механизам за превенција, со што повеќе ранливи целни групи меѓу кои и младите, се соочуваат со животни или семејни кризи и се губат во системот.
Отсуството на статистички и квалитативни податоци за младинското бездомништво ја отежнува можноста на креирање политики засновани на докази, превенција и соодветен одговор на потребите на младите во ризик од бездомништво. Лицата кои се соочуваат со бездомништво имаат лимитиран пристап до други опции за домување и за живеење со поддршка надвор од постоечките центри за бездомници.
No Comments