Колумна: Можеме ли да зборуваме за квалитетно домување?

Секојдневно сме сведоци на продажбата на нов самопрогласен луксузен станбен (често и деловен) простор под мотото „“Купи дом, не само стан“, додека околната слика е следна: масивна станбена зграда во изградба, наоколу мали тротоари со паркирани автомобили, никаде зеленило, околина со загаден воздух и сообраќаен хаос, можеби трговски центар во близина, задолжително казино, аптека… Секако, слика во која не би сакал никој да го минува секојдневието и прашањето: „Што е тука луксузно?“ Најверојатно цената по која се продава станот и огледалото кога ќе влезете во лифтот, ако работи…

Домот е еден од најзначајните егзистенцијални прашања во животот на еден човек. Од квалитетот на домот, зависат многу аспекти во човековиот живот. Често ова се сфаќа здраво за готово. Да се има сигурен и стабилен дом, значи поединецот и/или смејството да има помалку грижи и да може да се посвети на други работи кои би го направиле неговиот живот поквалитетен, посодржаен и економски постабилен. Граѓаните со сигурно и стабилно решено станбено прашање имаат поголеми можности за развој на кариерата и за исполнето слободно време. Децата кои живеат во семејства со сигурен дом, можат повеќе да се посветат на учењето, спортот, дополнителните активности и со тоа имаат поголеми шанси за успех во општеството. Сигурниот дом во огромна мера го намалува стресот и на секој начин влијае позитивно врз граѓаните.

Но, што значи да се има сигурно и стабилно домување? Тоа значи да се живее во објект кој има елементарни услови за живот и кој е легално изграден, без разлика дали тој дом е сопствен или под наем. Сигурен и безбеден дом заштитува од временските и климатските непогоди, има пристап до чиста вода и санитарии, поврзан е со околната инфраструктура, има безбедна енергетска мрежа и е изграден согласно законите. Секако ова има огромна улога врз здравјето на граѓаните.

Но, квалитетот на домот не е само минимумот пропишан со закон и најчесто рекламиран како луксуз. Кога зборуваме за квалитет на домување има и многу други фактори кои многу често не се земаат во предвид при изборот на дом. Еден од најзначајните е пренаселеноста во домот. Домот треба да има 25м2 по човек, што значи стан за двајца е миниумум 50м2… Ова посебно е важно за родители со деца кои веќе одат на училиште, бидејќи детето треба да има свој простор каде што би можело да има книги, да чита, да учи, да ги пишува своите домашни задачи, да се осами и да се концентрира. Непочитување на овие стандарди е показател на сиромаштија.

Кога зборуваме за квалитетен стан – важна е локацијата, пристапот, околината, материјалите од кои е изграден станот, ориентацијата и осветленоста, просторното планирање внатре во станот. Квалитетен дом мора да се наоѓа во безбедна населба и да има лесен пристап до домот. Ова значи дека на пешачко растојание од максимум 15 минути, би требало да можат да се задоволат сите основни дневни потреби како место за пазарење на секојдневни намирници, училиште, градинка, амбуланта, парк и простор за прошетка, спорт и рекреација. Домот треба да е поврзан со јавен превоз до остатокот од градот или населбата. До домот мора да има безбеден и лесен пристап за секој граѓанин во секоја здравствена состојба да може лесно и непречено да се движи. Ориентацијата и светленоста во станот се посебно важен аспект. Становите кои се ориентирани само кон северната страна се непогодни за живеење. Овие станови се темни и ладни и немаат доволно сончева енергија во текот на денот, а во зима бараат поголемо затоплување, што ги прави неодржливи и финансиски оптеретувачки. Становите ориентирани само на југ, во летен период може да имаат потреба од ладење, но затоа во зима заштедуваат енергија. Ова отвора ново прашање – како е решен јавниот простор во непосредна околина на домот и како е поставена населбата во целина? Доколку има доволно зеленило и сенка, становите ориентирани кон југ би биле попријатни и енергетски поодржливи во лето. Кога станува збор за материјалите од кои е изграден домот, најпосакувана опција се природните материјали. За жал, овие материјали се сметаат за скапи и комплицирани за работа, па денешните материјали се најчесто од синтетичко потекло. Топлинска изолација се прави најчесто со стиропор, вратите и прозорците се од PVC, материјали кои иако нудат топлинска изолација и зачувување на топлината во станот, имаат голем еколошки отпечаток. Впрочем, градежната индустрија е една од најзагадувачките индустрии во светот. Токму поради ова потребно е да се чуваат, обновуваат и рециклираат старите домови и куќи, наместо да се прави хиперпродукција на нов и неквалитетен станбен простор, како што е случајот сега. Просторното станбено планирање претставува вистинска умешност на архитектот да ги прилагоди сите околни фактори и стилот на живот на семејството за оптимално просторот да биде функционален, осветлен и пријатен за живеење. Тука веќе станува збор за како и кога би била осветлена дневната соба, кога спалната… Идеално би било кога наутро би се буделе со сончевиот зрак кој влегува низ прозорецот, а навечер би го гледале зајдисонцето од балконот во дневната соба. Сепак, новите згради ретко дозволуваат ваква атмосфера, па становите се често „луксузно“ подпросечно проектирани, колку да се задоволи некоја минимална функционалност, но без атмосферска поетика во секојдневниот живот. Секако, кога зборуваме за играта на светлина во станот, не зборуваме едноставно дека така е убаво, туку таков пријатен простор има позитивно влијание врз расположението, менталната состојба кај граѓаните па оттука влијае позитивно на здравјето во целина.

Минималните законски услови (често заобиколени и своеволно толкувани) се продаваат како луксуз, додека граѓаните земаат кредити за да ги купат овие станови и конечно да имаат свој топол дом, да фаќаат врски за да го запишат детето во градинка и да се расправаат со соседот што го блокирал влезот со автомобилот. Квалитетот на домот не е само мебелот купен од IKEA, туку целата непосредна околина.

Би сакала да оставам отворено прашање – какви се вашите домови, станови и колку овозможуваат квалитетен и среќен живот и го поттикнуваат развојот на личноста

Автор:

Д-р Ива Петрунова, архитект и социолог

No Comments

Sorry, the comment form is closed at this time.